Во дерби натпреварот од 11. коло во македонската ракометна Суперлига, тимот на Алкалоид на домашен терен забележа победа над Еурофарм Пелистер со резултат 30-28.
Битолскиот состав, кој претходно во вторникот славеше победа против германскиот Магдебург во рамките на Лига Европа, добро го започна мечот во скопска Автокоманда и предводен од Филип Кузмановски стигна до почетно водство од 3-1.
Екипата предводена од Кирил Лазаров експресно возврати со серија од 4-0, по што на теренот се играше израмнето сѐ до 18-тата минута. При резултат 10-9, домашниот тим наметна силно темпо и на полувремето замина со предност од четири голови разлика (14-10).
Ракометарите на Алкалоид со ист ритам го отворија и второто полувреме, достигнувајќи највисока предност од шест погодоци при резултат 20-14. Еурофарм Пелистер успеа да ја намали разликата и во два наврати стигна на три гола заостанување (21-18 и 22-19), но составот на Лино Червар немаше сили целосно да го сврти резултатот и го претрпе вториот сезонски пораз во домашното првенство.
Најефикасен во редовите на Алкалоид беше Никола Костески со седум постигнати голови, додека Марко Кизиќ забележа десет успешни одбрани на голот.
Кај тимот на Еурофарм Пелистер, капитенот Кузмановски постигна седум погодоци, а голманот Никола Митровски оствари 11 интервенции.
Благодарение на овој триумф Алкалоид се искачи на третата позиција на табелата со 18 бодови, додека Еурофарм Пелистер се најде на четвртото место со освоени 17 бодови.
