„Беса и нивниот кандидат за градоначалник на Тетово Биљал Касами сакаат да добијат поддршка од Алтернатива и да ја добијат најсилната позиција во овој град, но и да останат во Владата. Така не може. Нека излезе Беса со изјава пред јавноста да соопшти дека нѝ се приклучува во создавање на ново парламентарно мнозинство, па тогаш да очекува ние да ги повикаме нашите членови и симпатизери да гласаат за Касами”, вели во изјава за МКД.мк висок функционер на Алтернатива.

Тој ги отфрла изјавите на лидерот на Мендух Тачи кој рече дека „Алтернатива влегува во Владата, тоа е готова работа”.

„Мендух Тачи не е релевантен, како што не се релевантни ниту неговите изјави”, вели функционерот на Алтернатива.

Тој за МКД.мк информира дека раководството на Алтернатива вчера одржа состанок на кој е утврдена одлука базирана на конзистентите ставови од првиот изборен круг.

„Алтернатива останува на своите позиции и ги подржува сите кандидати кои ги подржуваше во првиот изборен круг. Во тие општини каде ние како партија, или како коалиција, немаме наш кандидат, а каде се натпреваруваат партии од власта, нема да сугерираме за кого да се гласа. Нашите гласачи најдобро ги познаваат кандидатите во тие општини и знаат како да се однесуваат во вториот круг”, вели функционерот на Алтернатива.

Тој додава дека неговата партија нема да „притиска” врз волјата на граѓаните.

„Сепак, ги молиме предвид да ги имаат нашите програмски определби и да одлучуваат според системот на вредности кои сме ги негувале заедно низ годините откога постоиме како партија”, нагласува тој.

На прашањето дали во понеделник, денот по изборите ќе биде клучен кога, како што изјавил Зеќирија Ибрахими од Алтернатива за ТВ 21, ќе биде објавено новото парламентарно мнозинство на Христијан Мицкоски, функционерот од Алтернатива, со кого МКД.мк разговараше, вели дека најпрво треба да се видат изборните резулатати, а потоа да се составуваат математики.

„Во овој момент е тешко да се предвиди денот по изборите. Најпрво треба да ги видиме нашите резултати како партија, потоа резултатите заедно со Алијанса за Албанците и, секако и вкупниот изборен епилог, односно дали ќе опстане актуелното парламентарно мнозинство. Мислам дека никој во овој момент не може да изнесе тврдење што ќе се случи”.

Инаку, коалицискиот партнер на Алтернатива, Алијанса за Албанците деновиве истакнува поддршка за Беса за нивните кандидати во Тетово и во Желино со став дека главниот политички противник е ДУИ и дека партијата на Али Ахмети треба да се порази. Алијанса очекува и поддршка од Беса во евентуално создавање на ново парламентарно мнозинство.

Но, шефот на изборниот штаб на Беса и министер Арјанит Хоџа денеска изнесе извесни резерви кон очекувањат на партијата на Зијадин Села изјавувајќи дека сепак станува збор за соработка со неговата партија за локални избори, притоа не споемнувајќи ја Алтернатива на Африм Гаши.

„Ние остануваме цврсто на нашата определба заедно со Алијанса за Албанците да ги победиме ДУИ во општините каде учествуваме во втор круг. Ова се локални избори, легитимитетот за парламентарни избори односно за нова влада доаѓа од парламентарни избори. Останува да видиме по изборите како ќе се одвиваат настаните и како ќе се движи политичката сцена”, рече Хоџа.