Поднесени се вкупно 223 амандмани, за кои исто така треба да се расправа пет дена, по што текстот треба да се достави до Владата, која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собранието, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расправата трае пет дена.
Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Во текот на општата расправа пратениците од владејачките партии оценија дека Предлог-буџетот е развоен, насочен кон економско заздравување, заштита на здравјето, зголемување на инвестициите и непречна исплата на плати и пензии. За пратениците од опозицијата, пак, проекциите се погрешни и преамбициозни поради што ребаланс треба да се очекува уште во првиот квартал од 2022 година.