„Амазон“ со нов бран отпуштања

Амазон во средата потврди дека отпушта уште 16.000 вработени, со што го заокружува планот за околу 30.000 отпуштања од октомври наваму, но не ја исклучува можноста и за дополнителни намалувања, пренесува Ројтерс.

Намалување на менаџерските позиции и бирократијата

Иако бројката од околу 30.000 отпуштања претставува мал дел од вкупно милион и половина вработени во компанијата, од кои најголем дел се ангажирани во магацини и логистички центри, таа опфаќа речиси 10 отсто од административната и менаџерската структура. Директорката за човечки ресурси на „Амазон“, Бет Галети, изјави дека со намалување на бројот на менаџерски позиции, зголемување на одговорноста и отстранување на бирократијата, компанијата ќе се зајакне, што, според неа, е неопходно за натамошниот развој.

Вештачка интелигенција, реструктурирање и затворање продавници

Ова е втора голема рунда отпуштања во последните три месеци, откако во октомври „Амазон“ укина 14.000 работни места, тогаш наведувајќи дека причините се поврзани со вештачката интелигенција и промените во корпоративната култура. Компанијата претходно призна дека за време на пандемијата од ковид-19 претерано вработувала поради наглиот раст на онлајн-нарачките. Галети во порака до вработените нагласи дека масовни отпуштања на секои неколку месеци не се дел од планот, иако ден претходно по грешка бил испратен мејл до дел од вработените во „Амазон веб сервисис“ (AWS) во кој отпуштањата биле наречени „Проект Зора“.

Извршниот директор Енди Џеси уште минатото лето изјави дека поголемата употреба на алатки со вештачка интелигенција ќе значи повеќе автоматизација и губење дел од корпоративните работни места. Во меѓувреме, компанијата најави затворање на сите преостанати физички продавници „Fresh“ и маркетите „Go“, инвестира во роботи во магацините, а акциите на „Амазон“, пред објавата на кварталните резултати следната недела, пораснаа за помалку од еден процент во претпазарното тргување.