Дигиталната трансформација како двигател на економскиот раст

Македонија ќе биде целосно дигитализирана до 2035 година, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на конференцијата организирана од Блумберг Адриа. Според него, државата не смее да биде пасивен следбеник на глобалните трендови, туку активен креатор на дигитални решенија во соработка со развиените земји.

Визија за дигитална администрација и подобри услови за бизнис

„Нашата стратегија предвидува целосна дигитализација на административните процеси. Тоа ќе овозможи поефикасно водење бизнис, поголем економски раст и подобар квалитет на живот за граѓаните“, нагласи Андоновски. Владата, како што објасни, работи на системски пристап кој вклучува градење инфраструктура и поттикнување дигитални навики.

ИКТ секторот како клучен двигател на БДП

Министерот посочи дека информатичко-комуникациската технологија веќе покажува значаен раст – над 4,4% годишно – што ја прави еден од главните двигатели на македонската економија. „Ова е нашата компаративна предност. Ние немаме големи минерални ресурси, но имаме квалитетен ИТ кадар и тоа мора да го искористиме до максимум“, додаде тој.

 Инклузивен пристап со сите сектори

Конференцијата, која се фокусираше на новите потрошувачки трендови, обедини претставници од бизнисот, јавните институции, академската заедница и стопанските комори. Целта е создавање заедничка визија за дигитална иднина преку вмрежување на експерти од различни области.

Извор: Република