Десетици американски падобранци пристигнаа денеска на полскиот аеродром Жешов како дел од распоредувањето на неколку илјади војници за зајакнување на источното крило на НАТО поради тензиите со Русија.
Новинарите на француската новинска агенција Франс прес виделе војници како излегуваат од воен транспортен авион Боинг Ц-17 и се качуваат во автобуси на аеродромот, на околу стотина километри од украинската граница.
Друга група од десетина војници се качила на два хеликоптери Black Hawk кои потоа полетале. Забележани се и два хеликоптери „Шинук“. Во кампот поставен во конференцискиот центар спроти терминалот и околу него можеле да се видат оклопни возила, воени камиони, контејнери и десетици други војници.
„Сè уште не знаеме колку долго ќе трае оваа мисија“, изјавил за AFP наредникот кој го чувал кампот и не сакал да го открие својот идентитет. Војниците од 82-та воздушнодесантна дивизија стационирана во Северна Каролина од 5 февруари пристигнуваат на аеродромот во близина на селото Јасионке.
Соединетите Држави соопштија дека планираат привремено да распоредат дополнителни 4.700 војници во Полска, членка на ЕУ и НАТО, како одговор на трупањето руски сили во близина на Украина. Со тоа засилување, бројот на американски војници во Полска се искачува на околу 10.000.
Генерал-мајор Крис Донахју им рече на новинарите на почетокот на распоредувањето дека американските трупи ќе го бранат, доколку е потребно, кој било дел од НАТО.
„Ова распоредување е мерка на претпазливост за заеднички да се спречи каков било воен план. Тоа е од одбранбена природа“, истакнал тој.
Генералниот секретар на НАТО претходно изјави дека Русија продолжува да го зајакнува своето воено присуство на границите со Украина и дека засега не гледа знаци на деескалација, спротивно на тврдењата на Москва.
„Досега не најдовме никаква деескалација на теренот. Напротив, Русија се чини дека продолжува да го зајакнува своето воено присуство. Русија сè уште може да ја нападне Украина без предупредување, нејзините капацитети се на теренот со повеќе од 100.000 војници. “, изјави Јенс Столтенберг.
На почетокот на средбата со министрите за одбрана на земјите-членки во Брисел, Столтенберг рече дека Москва вели дека е подготвена да продолжи да инвестира во дипломатските напори.
„Ние сме подготвени да разговараме. Но Русија мора да го следи својот збор, да ги повлече силите, да ги смири тензиите. Ние внимателно следиме што прави Русија. Го забележавме доаѓањето на армијата и тешката опрема, потоа повлекувањето на армијата, но опремата и капацитетите се на лице место“, рече Столтенберг.
„Сакаме да видиме вистинско повлекување, трајно, а не само постојано движење на војниците. Подготвени сме да се сретнеме со Русија, но се подготвуваме за најлошото“, заклучил тој, пренесува Гардијан.