Министерството за надворешни работи на САД ги осуди новите закани на лидерот на босанските Срби Милорад Додик за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, а шефицата на УСАИД, Саманта Пауер, истовремено предупреди дека Додик се подготвува да тргне по опасен недемократски пат.
Стејт департментот реагираше со специјално соопштение откако Додик минатата недела најави дека нема да ги почитува одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, со кој на ентитетите им се забранува да располагаат со државниот имот додека неговиот статус не биде регулиран со закон, кој треба да биде усвоен од страна на Парламентот на Босна и Херцеговина. Ако Уставниот суд продолжи да инсистира на ова, рече тогаш Додик, РС ќе се одвои од БиХ.
„САД ги отфрлаат коментарите на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, од 9 март, во кои тој се обиде да го поткопа Уставниот суд на Босна и Херцеговина и упати повеќекратни закани за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина“, стои во соопштението потпишано од портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Потсетуваат дека Дејтонскиот договор јасно предвидува обврска за почитување на одлуките на Уставниот суд, како и дека сепаратистичката реторика и заканите по мировниот договор се неодговорни, опасни и штетни. Тие изјавија дека САД ќе ги сметаат за одговорни оние кои сакаат да ги поткопаат институциите на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор и ќе продолжат да ги поддржуваат суверенитетот и стабилноста на Босна и Херцеговина.