Американскиот воен врв предупредува дека продолжувањето на големите воени операции против Иран може да ја намали способноста на САД да одговорат на закани во други делови од светот. Во доверлива проценка доставена до Пентагон се наведува дека шестмесечната операција станала сериозен товар за американските вооружени сили.

Повеќе високи воени лидери го предупредиле министерот за војна Пит Хегсет дека продолженото ангажирање на американските сили на Блискиот Исток може да има последици врз другите воени мисии на САД.

Во документот, подготвен на 14 август, челниците на копнената војска, морнарицата и воздухопловните сили, како и командантите задолжени за операции во Европа, Азија и Латинска Америка, ги изложиле ризиците од продолжување на воените дејствија против Иран.

Според лица запознаени со содржината на документот, дел од американските сили распоредени на Блискиот Исток би требало да останат во регионот до септември, а дел од нив дури и до 2027 година.

Токму можноста за дополнително продолжување на распоредувањето предизвикала противење кај дел од американскиот воен врв. Иако не се согласуваат со наредбата, воените команданти сепак ќе ја спроведат.

Командите задолжени за Европа, Пацификот и Јужна Америка предупредиле дека нивните бродови, авиони и друга воена опрема се пренасочени кон поддршка на војната против Иран. Тоа, според документот, им го отежнува извршувањето на сопствените мисии, но и спроведувањето на потребната обука.

Особено голем товар претставува ангажманот за американската морнарица. Во проценката се наведува дека таа повеќе не може долгорочно да го одржува сегашното ниво на поддршка, особено поради тоа што нема јасен датум за завршување на операцијата.

Во документот се посочува дека нешто повеќе од една четвртина од американската флота на разурнувачи во моментов е подготвена за распоредување. Тоа е значително помал удел во споредба со периодот пред почетокот на војната.

Во исто време, продолжени се и распоредувањата на дел од 82. воздухопловно-десантна дивизија, како и на единиците кои управуваат со системите „Патриот“.

Дополнително, намалени се залихите на ракетите „Патриот“, пресретнувачите ТХААД и крстосувачките ракети „Томахавк“.

Портпаролот на Хегсет, Шон Парнел, изјави дека одлуките за обемот и времетраењето на американскиот воен ангажман се носат врз основа на проценката на заканите, претседателските приоритети и советите што ги дава воениот врв.