Американските сили уништија 16 ирански пловила во Ормускиот Теснец

Американските сили погодиле и целосно уништиле 16 ирански пловила кои поставувале мини во Ормускиот Теснец. Воените структури во САД, по директива на претседателот Доналд Трамп, разработуваат и дополнителни опции, меѓу кои и можност морнарицата да ги придружува танкерите што минуваат низ оваа клучна поморска рута доколку тоа стане неопходно.

Од Белата куќа информираа дека до Русија биле испратени пораки со кои се нагласува дека Вашингтон нема да биде задоволен доколку Москва соработува со Иран. Од друга страна, руските власти уверуваат дека не споделуваат разузнавачки информации со Техеран.

„Иранскиот режим лажеше, ги мамеше Соединетите Американски Држави, очигледно обидувајќи се да ја продолжи својата нуклеарна програма за да создаде бомба што, секако, би ги загрозила САД. Повторно, нивниот арсенал на балистички ракети, тие брзо и агресивно го зголемуваа секој месец до точка каде што во суштина би изградиле имунитет за себе, каде што идниот претседател или претседателот Трамп нема да може да ја почне оваа неверојатно успешна операција“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Израел ја засилува кампањата во регионот

Во меѓувреме, Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите од Заливот, а иранските лидери ја отфрлија можноста за разговори и упатија закани кон американскиот претседател Трамп. Паралелно со тоа продолжува и израелската воена операција во Либан.

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го зголемува државниот буџет со цел финансирање на воените активности.

„Водиме кампања против суров непријател кој сака да не уништи. Ги уништивме нивните нуклеарни и балистички капацитети. Наместо да ја научат лекцијата, тие се обидоа да ги обноват и да ги закопаат длабоко под земја на таков начин што повеќе не можевме да ги таргетираме. Моравме да се впуштиме во оваа кампања и дејствуваме со зголемена енергија заедно со нашите херојски војници и пилоти“, изјави Нетанјаху.

Иран со критики до Советот за безбедност

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации повторно го критикуваше Советот за безбедност, обвинувајќи го дека молчи за, како што рече, војната што САД и Израел ја водат против Иран.

„Советот ги затвора очите пред овие сериозни прекршувања, и покрај неговата примарна одговорност според Повелбата на Обединетите Нации да одржува меѓународен мир и безбедност“, изјави иранскиот амбасадор во ООН, Амир Саид Иравани.

Во меѓувреме, британски разурнувач се упати кон источниот Медитеран, што го потврди Кралската морнарица. Британската влада минатата недела го најави ова распоредување откако база во Кипар беше цел на напади со беспилотни летала. Овој потег следува и по критиките за бавниот одговор на британските вооружени сили, додека некои европски држави веќе испратија свои воени бродови во регионот.