На три дена до двојните избори дел од политичките аналитичари во земјава ценат дека, иако на моменти имало црна изборна кампања, сепак генералната оценка е дека изборната реторика се одвивала во границите на очекуваното, анализира Канал 5.

За некои пак преекспонирано било прашањето за уставни измени и европската иднина на земјата, а по резултатите од првиот круг се разгорела и меѓуетничката реторика.. Дел од познавачите велат дека најголеми губитници на првиот круг од претседателските избори биле СДСМ и Левица.

-Кој е најголем губитник, ако мислите на политичките партии, тоа е СДСМ со оглед на резултатот на кандидатот што го подржува нели за претседател. Левица не е фактор-партија која може значајно да влијае, поготово со своите радикални ставови, антиевропски и анти-НАТО, таа нема некои шанси да биде позначаен фактор, изјави Никовски.

-Факт е дека појавата на Максим Димитриевски, на ЗНАМ направи еден пресврт во структурата на македонските политички партии и тука најголем губитник е Левица и мислам дека појавата на ЗНАМ е исклучително значајна бидејќи со своите досегашни политики, СДСМ покажа дека не е достоен за улогата која долги години ја имаше на македонската политичка сцена,изјави Иванов.

Адвокатот Јанаки Митровски пак смета дека реториката на дел од партиите била клучна за изборниот исход.

-ДУИ и Левица, ДУИ кои што традиционално одат на предзнакот УЧК и со закани кои што стануваат се поотворени од Бујар Османи дека не може да има Влада без нив што не го пишува никаде и политичката партија Левица која што станува се поочајна и се повеќе игра на национализам бидејќи веројатно тоа им е последната сламка за спас,-изјави Јанаки Митровски, Адвокат.

Дел од поранешните членови на Левица не се со големи очекувања на партијата на претстојните избори, причината за тоа ја гледаат во внатрешните поделби.

-Со оглед на тоа дека циркулираат слики како Апасиев стои до штанд за делење флаери, апсолутно Левица е најголемиот губитник, човекот во 2016, кога теренските активности се сведуваа на на објаснување дека партијата постои, тој не се појави на штанд, така што тие остварија резултат кој што е далеку од нивните очекувања. Сметам дека сликата од првиот круг е релевантна иако луѓе сакаат да си верглаат некоај реторика дека ќе се зголеми или намали, пред првиот круг очекував Левица да се бори помеѓу 8 и 12 мандати, сега мислам дека би биле пресреќни ако се 4, изјави Бранко Ристов – Поранешен член на Левица.

Според дел од политичките аналитичари, првиот круг од претседателсктите избор е показател за тоа што може да се очекува и во среда, други пак велат дека не ништо завршено и дека граѓаните ќе имаат нова можност за одлуки.