АНБ контра Обвинителството: Нема посебна проценка дека Груби е небезбеден само во Шутка

Ниту Агенција за национална безбедност, ниту Министерство за внатрешни работи изготвиле безбедносна проценка со која конкретно би посочиле дека Артан Груби би бил небезбеден само доколку се наоѓа во ефективен притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, неофицијално дознава „Скопје1“. Известувањето на кое обвинителот се повика при барањето за куќен притвор се однесува на општа безбедносна проценка, што упатува дека ризикот не е врзан исклучиво за една установа, туку има поширок карактер.

Ризиците познати од претходно, дел од осомничените веќе во затвор

Сознанијата за можен ризик по безбедноста на Груби не се нови. Дел од информациите биле оперативно прибрани уште пред една година и по нив било постапено, по што му било доделено обезбедување кое го користел сѐ до неговото заминување од државата, кога беше распишана потерница. Според непотврдени информации, дел од лицата кои наводно подготвувале план за да му наштетат се веќе затвореници, но останува нејасно во кои установи издржуваат мерка притвор или казна. Вообичаена пракса е, доколку одредена установа се процени како небезбедна, притвореникот или осуденикот да биде префрлен во друга.

МВР и обвинителството без дополнителни појаснувања

Од МВР информираат дека, согласно законските надлежности, до Јавното обвинителство ги доставиле сите информации и сознанија со кои располагале, вклучително и податоци од АНБ. „Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и судот“, наведуваат од Министерството.

Директорот на затворот во Шутка, Бобан Утковски, изјави дека безбедноста на Груби е гарантирана и дека се почитуваат сите прописи и правила. Од Обвинителството, пак, не одговорија на прашањата како е донесен заклучокот дека во било кое притворско одделение не може да се гарантира неговата безбедност. Во кусото соопштение се наведува дека „по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен“.

Груби во моментов издржува куќен притвор, кој доколку биде осуден ќе му се пресмета во евентуалната казна. Во спротивно, доколку биде ослободен, државата би можела да се соочи со обврска за исплата на оштета.