ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, исто како што застана зад своите кандидати, но гледаме дека каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници нештата се реализираат, видливи се проектите, се реализира програма, но тоа не може да се види во градот Скопје, ветувањата од Арсовска не се реализираат. Реализација на проектите подразбира работа на градоначалникот, на администрацијата и сите јавни претпријатија, но во град Скопје ниту има слух, ниту нешто се случува и ние нема да бидеме соучесници во тоа, изјави Марија Андоновска советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје за „Вин вин“ на Телма.

Андоновска потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ даде шанса, но нема да биде соучесник во неработата и хаосот во градот Скопје кој сега се случува со новото мнозинство кое го направија СДС, Левица и ДУИ.

– Но тоа не значи дека сме се откажале и сме кренале раце од реализација на програмата, туку ги употребуваме сите демократски механизми да бидеме коректор, да бидеме гласот на граѓаните. СДС, заедно со Левица и ДУИ во советот овозможува да поминат на лепе очи гласа финансиски извештаи и планови. Тие го прават мнозинството и тие треба да сносат сега одговорност за целиот хаос кој се случува, рече Андоновска.

Андоновска нагласи дека секогаш кога ќе се видат овие три групи во сала се знае дека има договорени точки.

– ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува, затоа што сме сериозни и сакаме да бидат дадени сериозни одговори каде се трошат парите на граѓаните. Ние бараме да разговараме, прашуваме, но нема разговор. Не може да се поддржи нешто за кое не сме сигурни и има сомневања. Во Скопје сега има кадри кои воопшто не се компетентни и никој не ги знае, стјуард за директор, детектив во МКЦ. Претходно имаше кадри кои можеа да одговорат на предизвиците, нагласи Андоновска.

Андоновска посочи дека на градоначалничката не и се разговара за работа, но затоа редовно оди во влада и хаосот потоа се пресликува во градот.