Овој буџет е планиран на начин што ќе овозможи справување со долговите оставени од претходната градска администрација. Во исто време тој ќе предвидува нови проекти – проекти за справување со загадувањето и чиста животна средина, за урбан развој на градот, за дигитализација, истакна Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје.

-Во делот на животната средина, Буџетот предвидува сет од меѓусебно поврзани мерки.

Градот издвојува рекордни 24 милиони денари за субвенции за граѓаните за клима уреди. Субвенциите ќе бидат и за еколошки транспорт – 15 милиони денари за набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала.

Со субвенции кон ЈСП започнуваме со проектот за бесплатен јавен превоз на граѓаните. Етапно, по групи на граѓани и определени денови – буџетот предвидува бесплатен јавен превоз.

Надополнето со враќањето на ноќните линии, продолжувањето на автобуските линии – доаѓаме до брз, ефикасен и навремен јавен превоз – алтернатива на автомобилите.

Десетици милиони денари се предвидени за нови зелени површини, уредување на Кејот на Вардар и Кејот на реката Лепенец. Кејот повторно ќе стане зелен и спортски.

41 милион денари ќе се издвојат за покривање и уредување на Усјанскиот канал – загадувањето во Кисела Вода и Аеродром од овој канал конечно ќе стане минато.

Во делот на инфраструктурата:

Од 5 планирани булевари во програмата – обезбедени се 400 милиони денари за отпочнување со работа на четири: булевар „Хрватска“, „Теодосиј Гологанов“, „Љубљанска“ и „Борис Трајковски“.

Ќе се градат и улиците „Боца Иванова“, „Лука Геров“, „Александар Урдаревски“, „Перо Наков“, „Димо Хаџи Димов“ и „Радишанска“.

Важно е да се напомене, дека со амандмани предложени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ предвидуваме и:

– 20 милиони денари за ревитализација на кејот на Серава – нова спортска зона на овој зелен коридор

– 10 милиони денари за промена на системот на затоплување во две средни училишта во Скопје

– 3 милиони денари за проектирање на првиот информатичко-иновациски парк во Скопје – Скопје ИНОПАРК во Аеродром.

– 3 милиони денари за набавка на над 100 квалитетни автохтони дрвја годишно и 5 милиони денари за подигнување нови зелени површини – паркови кои ќе се справат со урбаното загадување.

Ги повикуваме колегите од СДСМ и ДУИ, да престанат да ги злоупотребуваат своите позиции, обвинувајќи го Градот за сѐ, а заборавајќи дека тие се власт на централно ниво и ги имаат сите институции.

Имаа четири години да покажат дека можат да управуваат со градот. Четири години да го решат загадувањето на животната средина во градот Скопје.

Четири години да обезбедат средства и за младите, и за пензионерите, и за лицата со попреченост.

Тоа не го направија.

Затоа сега е време на промени. Нови проекти за градот Скопје, подвлекува Андоновски.