Преглед на процесот со електронски ваучери за студенти

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вечерва гостуваше во „Тема на денот“ на Сител, каде го опиша текот на проектот со 55.000 ваучери вредни 15.300 денари. Тој наведе дека досега аплицирале 37.970 студенти, а над 17.000 веќе подигнале електронски уред преку системот.

Андоновски нагласи дека постапката е транспарентна, едноставна и целосно насочена кон студентите кои имаат потреба од електронска опрема. Според него, ваквиот модел овозможува стабилна контрола и спречува нерегуларности во доделувањето.

“Оваа услуга покажува борба против корупцијата. Овој систем не познава кое дете од каде доаѓа, кој студент какви родители има, системот не подразбира дали сте син или ќерка на некој функционер за да добиете ваучер, туку тој систем доделува ваучери на секој кој ги исполнува условите”, истакна Андоновски.

Онлајн документи и намалување на ситната корупција

Министерот потсети дека документите како извод од матична книга на родени и уверение за државјанство веќе се издаваат онлајн. Тој објасни дека дигиталниот пристап ја намалува можноста за злоупотреби и го олеснува пристапот до потребните документи.

“Веќе не плаќате 400-500 денари на некој службеник во некоја канцеларија за побрзо да го издаде вашиот документ. Кликнувате, 20 секунди и го добивате документот на меил”, заврши министерот Андоновски.