Системот еДМС овозможува транспарентност и безбедност на документите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Собранието објасни како функционира системот за електронско управување со документи (еДМС) и кои се придобивките од целосната дигитализација на архивите.
Тој истакна дека новите решенија овозможуваат распределување на предметите до последното лице во институцијата и гарантираат дека нема „предмети во фиока“ или загубени документи.
„Овој систем е единствениот што гарантира дека преку електронската архива не може да имате загубени предмети, ниту, пак, предмети во фиока. Распределувањето на предметите се врши до последното лице во институцијата, а со подобрувањата што ги направивме имате целосна контрола на тој предмет, односно во секој момент знаете дали е во фаза на изработка, контрола или потпишување“, изјави Андоновски.
Безбедноста на системот и континуитетот на работењето
Министерот потсети дека при наследувањето на системот постоеле безбедносни слабости, но тие биле решени со конкретен акциски план.
„Во првите два месеци направивме сериозни и темелни тестирања на безбедноста на системот и сите недостатоци, преку акциски план, беа надминати, за денес да бидам сигурен и да зборувам пред вас дека системот не може да биде пробиен во состојбата во која се наоѓа. Податоците што ги имам во моментов се дека е удвоена бројката на документи што се чуваат во системот, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веќе има околу 20 илјади заведени предмети, за краткиот период од користењето на системот“, додаде Андоновски.
Реформската агенда и финансиските придобивки
Андоновски посочи дека целосното архивско работење во рамките на Реформската агенда вклучува три чекори кои би донеле повеќе од 8 милиони евра, при што половина од нив веќе се реализирани.
„Владата имаше обврска да донесе предлог за измена и дополнување на Законот за архивско работење во 2025 година. Во јуни ние доставивме измени кои вие во Собранието ги изгласавте и со тоа ја обезбедивме првата транша достапни средства за Македонија, во износ од 4,2 милиони евра, во делот на Реформската агенда што се однесува на архивското работење“, заврши Андоновски.
Тој изрази и разочарување што дел од пратениците од опозицијата не ја поддржале законската рамка за дигитализација, и покрај претходните ветувања за поддршка.
