Се работи за системски безбедносен проблем во Македонија и системско потфрлање на службите за безбедност и антитероризам кои се наоѓаат во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Тоа е така затоа што наместо да ги брка вистинските криминалци, МВР прво обвини недолжно дете за кое јавноста знае дека е критично кон власта, изјави Стефан Андоновски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Совет на град Скопје за „Клик плус“ на ТВ21, говорејќи за дојавите за бомби по училиштата и неспособноста на МВР да се справи со ситуацијата.
Андоновски истакна дека тоа дете го апсеа спектакуларно, го држеа во станица 5-6 часа, па го пуштија и сето тоа за да направат притисок да не се критикува, наместо да се справуваат со вистинскиот проблем.
– Решение за овој проблем постои. Граѓаните треба да знаат дека хаосот за состојбите кои се случуваат во Македонија се наоѓа системски во власта и како такви тие може да се решаваат затоа што МВР има над 10.000 вработени. Кај нас нема заштита на училиштата од страна на МВР, никаква, туку се чека и се моли бога дојавата да биде лажна, рече Андоновски.
Тој додаде дека треба да заштити системот, да се заштити училиштето и да има на пример само еден влез, да се заштитат електронските адреси на училиштата, да видиме дали секој може да прати мејл на тие адреси за да не може секој преку ВПН конекција да праќа мејл.
– Овој проблем треба да се реши на системско безбедносно на ниво на држава, има дојави во Џевахир, Ист Гејт. Еве тие имаат приватно обезбедување, но што може тоа да направи кога нема системско решение. Училиштата немаат обезбедување затоа што имаше обид од раководството на градот да се формира Јавно приватно обезбедување, односно фирма од градот, и кога тоа не беше дозволено од советот се премина на полу ад-хок решение кое гледаме дека не е решение и сега некаков вид обезбедување вршат ноќни чувари.