Македонија и САД се согласуваат на заеднички чекори за дигитална и сајбер соработка

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во рамките на работната посета на Вашингтон оствари низа средби со високи претставници на Стејт департментот на САД, со цел продлабочување на билатералната соработка во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста.

Соработка со Бирото за сајбер безбедност и дигитални политики

Андоновски се сретна со Рас Хедли, прв човек на Бирото за сајбер безбедност и дигитални политики, каде што, како што информираат од Министерството, било потврдено заедничкото определување за унапредување на клучните области: сајбер безбедноста, дигиталните политики, доверливо поврзување на институциите, безбедна инфраструктура, како и градење отпорност и доверба. Дополнително, на средбата биле опфатени теми за јакнење на капацитетите, размена на експертиза и јавно-приватна соработка, со цел развој на безбедни дигитални услуги и заштита на критичната инфраструктура.

„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна Андоновски.

Средби со македонската делегација и американски претставници

Заедно со делегацијата предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот остварил средба и со заменик-помошникот државен секретар, Даниел Лотон. На средбата се разговарало за градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка, како и утврдување приоритетни области за соработка. Двете страни се договориле за редовна комуникација меѓу тимовите и подготовка на конкретни активности и проекти за претстојниот период.

Со овие средби, министерот Андоновски и делегацијата од Македонија ја потврдија посветеноста на двете земји за јакнење на дигиталната инфраструктура, заедничка соработка во сајбер безбедноста и обезбедување доверливи и модерни јавни услуги.