Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски на денешната седница на Советот на Град Скопје прашува зошто доцнат некои автобуски линии низ Скопје за што и граѓаните се жалат, и дали за тоа се спроведени инспекции.
Андоновски потсети дека изминативе десетина месеци често има информации по медиуми и граѓани, на пример дека во Ченто автобусот број 23 е луксуз и до кога ќе мора да доцнат граѓаните на работа, велат дека и другите линии речиси ги нема или ги чекаат по цел час, како и дека автобусот 24 воопшто не дошол и исчезнал од таблата на автобуската постојка.
– За цела 2022 година извршени се 299 надзори во делот на патен сообраќај и констатирани се 78 неправилности. Моето прашање е дали и колку надзори се однесувале за возниот ред и дали некој е казнет? Затоа што два пати е менуван возниот ред со одлука на совет, но никаде не кажавме дека 45 и 23 треба да доаѓаат порано или подоцна или дека 24 треба да ја снемува. Јас би го прашал секторот за инспекциски надзор, но не знам дали ќе им биде дозволено да одговорат од еден тепач кој е висок функционер во градот затоа што кружат разговори дека овие луѓе не може да постапуваат се додека не им биде дадена насока што е спротивно од закон. Дали тие постапувале, дали е извршен надзор, зошто не е ако го немало и колку неправилности се видени во делот на почитување на делот на возен ред?, вели Андоновски.
Тој истакна дека според одлуката за линиски превоз која е одлука во форма на закон, и дека за непочитување на одредбите се применуваат казнени и прекршочни одредби.
– Второто прашање би го поставил до директорката на библиотека Браќа Миладиновци а се однесува во делот на јавни набавки со сериозна висока вредност. Некои се за поправка на службени коли, а од Левица зборуваат дека не користат службени коли, но ќе прашам за систематски превентивни прегледи со ординација од град Штип. Дали вработените ќе бидат праќани во Штип при толку ординации во Скопје?, прашува Андоновски.
Андоновски исто така додаде дека во истата библиотека има набавка за услуги од агенција од 5000 евра, а претставниците на Левица зборуиваат дека никако не смее да се ангажираат агенции да не се фрлаат парите.