Министерството за дигитална трансформација работи на развој на мобилна „супер апликација“ која ќе им овозможи на граѓаните на едно место да ги имаат личната карта, возачката дозвола и најкористените електронски услуги, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер.
Андоновски посочи дека идејата е дигиталниот паричник да прерасне во поширока платформа, која нема да служи само за чување лични документи, туку ќе ги обедини и услугите што граѓаните најчесто ги користат, вклучително и оние од областа на здравството.
„Ќе биде промовирана лична карта, возачка и три користени услуги од граѓаните. Размислуваме ова да биде мобилна супер апликација. Не само вашиот дигитален паричник, туку и други документи, да ги дадеме сите користени услуги на граѓаните на едно место. Целта ни е и здравство и други апликации кои постојат да ги донесеме“, рече Андоновски.
Осврнувајќи се на прашањата поврзани со следењето на комуникациите и заштитата на личните податоци, министерот нагласи дека Министерството за дигитална трансформација нема да врши следење на комуникациите на граѓаните, туку единствено управува со порталот за интероперабилност.
Тој објасни дека оперативното следење на комуникациите го врши Оперативно-техничката агенција (ОТА), а претходно тоа било во надлежност на Управата за безбедност и контраразузнавање. Според Андоновски, следењето се спроведува со дозвола од суд и обвинителство.
„Министерството за дигитална трансформација воопшто нема да следи, ние го контролираме само порталот за интероперабилност. Во текот на вчерашниот ден на платформата за интероперабилност имаше еден милион трансакции, ние не следиме ниту една од нив. Знаеме дека некое министерство побарало некој податок од некое друго министерство, но не знаеме кој е податокот што му се одговорило. Тоа е инкриптиран тунел меѓу услугата и корисникот“, појасни министерот.
Андоновски објасни и како ќе функционираат електронските лични документи, посочувајќи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе се чуваат на мобилниот уред на корисникот како привремени датотеки. При одјавување од апликацијата, граѓанинот повеќе нема да има пристап до нив.
Во гостувањето тој се осврна и на проблемите со прифаќањето на електронските документи од страна на институциите, нагласувајќи дека по реакциите и притисокот од јавноста, како и ангажманот на Министерството, Основниот суд донел став со кој ги прифаќа електронските документи како валидни.
Како пример го посочи и прифаќањето потврди од банка, кои граѓаните можат да ги испечатат директно од електронското банкарство, нешто што претходно, според него, било незамисливо.
„Имаме и друга апсурдност. Основниот кривичен суд издава потврда за неосудуваност, за една минута се завршува работата, ја печатите и ја носите во Основен суд во постапка за стечај и слично, а таму ви велат дека мора да биде заверена на нотар или издадена на образец“, посочи Андоновски.
Тој додаде дека и во ваквите случаи, по притисокот од јавноста, институциите сега имаат став дека електронските документи треба да се прифаќаат.
Според министерот, ваквите административни апсурди сè уште постојат и може да се појавуваат и во иднина, но неопходно е да се врши постојан притисок за нивно надминување и забрзување на дигиталната трансформација.
„Вакви апсурди се случуваат и ќе се случуваат, но притисокот мора да го правиме преку вакви скокови кои нè носат напред“, порача Андоновски.
