Министерот за дигитална трансформација ја истакна поддршката од Обединетото Кралство како значајна за напредокот на реформите и развојот на сајбер безбедноста
Поддршка од Обединетото Кралство за унапредување на дигиталните реформи. За зајакнување на сајбер безбедноста и организација на Дигиталниот самит во Скопје. Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
По денешната средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон, Андоновски изјави дека Обединетото Кралство е стратешки партнер. Нивната поддршка има особена важност за клучни реформски процеси во земјава.
„Обединетото Кралство е наш стратешки партнер. Нивната поддршка е од особено значење за унапредување на клучни реформски процеси“, рече министерот Андоновски по разговорот со амбасадорот Лосон.
Според него, со британскиот дипломат разговарале и за конкретни можности за соработка во областа на сајбер безбедноста.
„Разговаравме за можности за соработка и поддршка во делот на сајбер безбедноста, како и за Дигиталниот самит наменет за земјите од Западен Балкан, кој ќе се одржи во октомври во Скопје“, наведе тој.
Во изјавата за медиумите, министерот посочи дека Владата ќе продолжи да гради партнерства кои ќе ја насочат земјата кон дигитална и иновативна иднина.
„Продолжуваме да градиме партнерства што ќе придонесат кон дигитална, безбедна и иновативна Македонија“, заклучи Андоновски.