Седницата на Советот на Град Скопје на која требаше да се разгледува предлог буџетот за градот за наредната година е прекината поради неприсуство на градоначалничката Данела Арсовска.
Не знаеме зошто нема претставник на Град Скопје, дали е поради неподготвеност за работа по буџетот, дали вака се брани проектот Модерно Скопје, дали вака се води град, ако се нема интенција да се присуствува на седницата не знам зошто тогаш советниците да присуствуваат за документ кој го подготвувал друг. Буџетот предлагачот треба да го образложи пред советниците, рече Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје на почетокот на денешната седница.
Според него советниците мора да добијат одговор од Градот зошто буџетот е ваков, која им е визијата за градот.
Треба претставниците на Градот, поточно менаџментот да ни каже зошто ваков буџет, дали се соодветно планирани средствата. Дали може со овој предлог да се реализира програмата Модерно Скопје, додека не добиеме одговор и претставник од Градот нема услови за работа, кажа Андоновски.