Владин центар за одговор на сајбер инциденти ќе биде промовира во првата половина од наредната година, најави вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
-За многу скоро. Веќе завршуваме со дел од набавките и инсталирање на опремата. Првпат ќе лансираме владин центар за одговор на сајбер инциденти. Обично ставам амбициозни рокови, еве ќе речам, ќе го промовираме во првата половина од 2026 година, рече Андоновски во „Тема на денот“ на МТВ.
Тоа, појасни, ќе биде мониторинг центар за се што се случува во смисла на сајбер сообраќајот во владините институции.
-Ќе може рано да интервенираат доколку се случат определени напади и закани. Го дизајниравме со инфраструктура што ќе овозможи ширење, нема да биде огромен на почетокот, но полека полека ќе го збогатуваме со дополнителни инвестиции, истакна Андоновски.
Активностите се реализираат со поддршка од експерти од Велика Британија, САД и Естонија, преку техничка помош, обуки и подготовка на подзаконски акти.
-Во наредниот период ќе имаме уште повеќе резултати и во пракса да видиме што ќе изградиме ново, но секако и во подзаконски акти затоа што се важни и обврските кои ги има приватниот сектор, појасни министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
