Министерството за дигитална трансформација работи транспарентно, отчетно и законски, а сите јавни набавки во Министерството се спроведени според процедурите. Министерот Стефан Андоновски ги отфрли обвинувањата на СДСМ, нагласувајќи дека станува збор за манипулации на СДСМ, со кои се обидуваат да дискредитираат легални процеси.

„Во изминатите осум месеци во Министерството се спроведени десетици јавни набавки, а само една имала жалба, која делумно била прифатена и набавката била поништена“, изјави Андоновски.

Јавните набавки се законски и транспарентни

Андоновски појасни дека јавните набавки во Министерството биле спроведени транспарентно, а во конкретната набавка на конференциска и презентациска опрема учествувала само една компанија, што според него е последица на негативните практики воспоставени од СДСМ и ДУИ.

„СДСМ ја пласира првата лага, тврдејќи дека договорот изнесувал 2,5 милиони денари. Вистината е дека постигнатата цена е 1.531.927 денари, што е 40% пониска од планираниот буџет. Со ова се заштедени околу 1 милион денари (16.000 евра) пари на граѓаните“, истакна министерот.

Дополнително, производите биле испорачани навреме и со висок квалитет, а направена е анализа која покажала дека цените по производ биле пониски за 10% до 45% во споредба со пазарните цени.

СДСМ шири лаги за да ја прикрие сопствената корупција

„Додека СДСМ критикува законски јавни набавки, граѓаните не забораваат како во нивно време јавните набавки беа извор на криминал. Партиските врски и тендерите за блиските фирми беа секојдневие“, истакна министерот.

Тој посочи дека СДСМ е навикната да работи со корупција, па затоа не може да прифати дека сега набавките се транспарентни и без скриени договори.

„Граѓаните не забораваат како семејствата на нивните министри водеа компании кои добиваа милионски тендери. Токму затоа СДСМ сега измислува лаги за да ја одвлече јавноста од вистинските скандали“, потенцира Андоновски.

Нема судир на интереси – постапките се законски

Андоновски категорично ги отфрли обвинувањата за судир на интереси и лична вмешаност во јавните набавки во Министерството.

Државниот секретар во Министерството не учествува во постапките за јавни набавки во ниту една фаза. Нејзината улога е исклучиво административна. Оттука, нема никаков простор за влијание врз процесот“, нагласи министерот.

Воедно, тој ја демантираше и втората лага на СДСМ, дека самиот бил вмешан во изборот на компанијата и техничката спецификација на набавката:

„Јавната набавка ја спроведоа стручни и независни комисии, а нема ниту една поднесена жалба, што говори за целосната исправност на процесот“, појасни тој.

Андоновски додаде дека не постои законска можност министерот да ги истражува контактите на вработените со приватни компании, како што инсинуира СДСМ.

Јавните набавки во Министерството се под лупа на институциите – Манипулации на СДСМ 

„Ги повикуваме ДКСК и Јавното обвинителство, ако сметаат дека има спорни елементи, слободно да ги истражат сите постапки за јавни набавки во Министерството. Убедени сме дека постапките се законски и резултираат со значителни заштеди“, истакна Андоновски.

Тој потсети дека во минатото, СДСМ и нивните функционери беа фатени како преку семејни врски договараат јавни набавки.

СДСМ да се извини – во спротивно ќе следи тужба

Министерот Андоновски ги повика СДСМ да се извинат за навредите и дезинформациите.

„СДСМ со недели води кампања на омаловажување и манипулации против мене и моето семејство. Ако не се извинат за невистините што ги пласираа, задржувам право да побарам одговорност за клевета пред судовите во Македонија“, порача министерот.