Министерството почнало од тешки услови и наследени проблеми
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во отчетот за сработеното истакна дека Министерството ја започнало својата работа пред две години во исклучително тешки услови, со наследени проблеми, субстандардни услови за работа, без воспоставен систем и со дезорганизираност кај вработените.
Тој посочи дека предизвикот не бил лесен, но дека заедно со својот тим посветено работеле на поставување на основите на новото министерство, кое, како што рече, треба да испорачува конкретни услуги за граѓаните.
Според Андоновски, за две години била изградена институција за респект, а уште на почетокот биле утврдени 11 фундаментални приоритети.
Фокус на реални услуги, а не само на бројки
Андоновски нагласи дека отчетот не е само претставување бројки, туку одговор на прашањето дали државата станува подостапна за граѓаните.
Тој потсети дека при преземањето на функцијата биле наследени тужби од приватни компании, поранешни вработени, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Македонската радио-телевизија, во милионски износи.
Министерот наведе дека биле наследени и уништен возен парк, блокирани проекти од витално значење, долг кон програмата „Дигитална Европа“, блокирани апликации и блокиран ИПА-проект за дигитализација на услугите. Во одредени случаи, како што рече, биле поднесени и кривични пријави против поранешни министри и функционери за злоупотреба на постапки за јавни набавки и службена положба.
Според него, задачата била јасна – системот да се помести од декларации кон реални услуги. Андоновски порача дека граѓаните очекуваат решенија, рокови, одговорност и резултати, а не објаснувања зошто нешто претходно не било направено.
Раст на електронските услуги и нови центри за граѓаните
Како една од најважните промени, Андоновски го посочи националниот портал uslugi.gov.mk, кој, како што рече, бил замислен како централна дигитална врата до услугите на државата, но со години бил недоволно развиен и користен.
Бројот на електронски услуги на порталот се зголемил од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година, што претставува раст од 193 проценти. Месечниот број на издадени услуги пораснал од 1.354 во 2024 година на 13.435, односно за 892 проценти. Бројот на корисници се зголемил од 110.000 на 267.000, а бројот на поднесени барања од 64.000 на 340.000.
Андоновски истакна дека само лани биле регистрирани повеќе од 92.000 нови корисници на порталот, што е повеќе од вкупниот број нови корисници во 2020, 2021 и 2022 година заедно.
Преку порталот, граѓаните можат целосно дигитално да добијат извод од матична книга на родени, венчани и умрени, уверение за државјанство, потврди за неосудуваност, одобрение за набавување оружје и други услуги. Целосно електронски била спроведена и постапката за студентските ваучери за купување електронски уреди за над 40.000 студенти.
Министерот нагласи дека услугите на државата се приближени до граѓаните и физички. До 2024 година постоеле пет центри за услуги, во Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Охрид, а денес има 16 центри, со нови локации во Аеродром, Јагуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино, Делчево, Прилеп, Струмица и Крушево.
Андоновски заклучи дека темелите се поставени и дека Министерството ќе продолжи со унапредување на дигитализацијата и услугите.
