Нови средства за довршување на проектот и санација на свлечишта
Потпишан е Анекс број 8 на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, со кој се обезбедуваат дополнителни средства за завршување на проектот. Документот го потпишаа заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, а потпис ставија и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски и генералниот претставник на „Синохидро“ во земјава Чен Чен.
Од Јавното претпријатие за државни патишта соопштија дека со Анексот број 8 се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра за довршување на автопатот. Воедно е утврден и нов краен рок за завршување на градежните работи – 31 мај 2027 година.
„Со Анексот број 8 од Договорот треба да се овозможи дозвршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра и краен рок за завршување 31 мај 2027 година. Ова е потребно заради непредвидени и дополнителни нови градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитено завршување на проектот и на активности поврзани со санација на 14 свлечишта и обезбедување на глобална стабилност, еластична одбојна ограда со примена на EN 1317 – стандард, изградба на контролен центар, дополнителните работи за изградба на паралелни патишта“, се наведува во објавата на Јавното претпријатие на Фејсбук.
Пуштени во сообраќај речиси 28 километри од трасата
Од претпријатието додаваат дека со потпишувањето на анексот се надминати дел од проектните предизвици поврзани со косините и свлечиштата. Со тоа се создаваат услови градежните активности на терен да продолжат со поголем интензитет.
Во изминатиот период, особено во текот на минатата година, беше забрзан напредокот на изградбата на автопатот. На 13 јули, 7 септември и 31 декември 2025 година беа пуштени во сообраќај делови од главната траса на автопатот.
„Инаку, во изминатиот период, посебно во минатата година, со силна поддршка на Владата се забрза напредокот на проектот, па така на 13 јули, 7 септември и 31 декември 2025 година, предвремено се овозможи пуштање во сообраќај на 13,5 километри, 12,34 километри и 2,12 километри од првите делови од главната траса на потегот од Врбјани до Ботун, како и Климештани – Охрид, со вкупна должина на двата коловоза од 27,96 километри. Исто така, беа изградени и дел од пристапните патишта за околните села, при што се постигнаа значајни резултати во текот на различните фази на изградбата“, се додава во објавата.
