Директорот на ДЗС алармира за опасноста од 30 те пожари на отворен простор и за растечкиот број пожари во изминатите денови
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека во моментов има три активни пожари на територијата на државата. Во изминатите денови, дневно се регистрираат од најмалку 20 до 30 пожари на отворен простор, а дел од нив зафаќаат шумски предели.
Денеска, на државно ниво биле регистрирани пет пожари на отворен простор. Два од нив се целосно изгаснати, додека три остануваат активни. Ангелов ги соопшти овие информации на попладневната прес-конференција.
За пожарот што со денови гори во ловиштето „Јасен“, тој изјави дека состојбата е сериозна и дека горењето се засилува поради високите температури. Според надлежните, пожарот најверојатно е предизвикан од гром. „Оној кој би имал мотив да пали, би запалил поблиску до патот“, нагласи Ангелов.
Вториот пожар, што гори неколку дена, на моменти бил под целосна контрола, но повторно се активирал. Сега е проширен до атарот на село Јажинце, општина Јегуновце.
„Повеќе верувам во негово намерно палење, бидејќи не може сам од себе повторно да се реактивира по неколку дена“, рече директорот на ДЗС.
Третиот активен пожар, опишан како „пожар во развиток“, е во општина Долнени, на подрачјето на селата Лажани и Средорек. „Се работи за тежок терен за гаснење. Се надевам дека денеска ќе биде ставен под контрола. Но, овој пожар исто така може да стане голем предизвик“, додаде Ангелов.
Тој потенцираше дека сите екипи на терен работат храбро и пожртвувано. „Секојдневно имаме силна поддршка од премиерот и Владата, затоа што сите ресурси што ни се потребни ги добиваме за рекордно време“, изјави директорот.
Ангелов истакна дека секојдневно се наоѓаат докази за подметнати пожари на отворен простор.
„Министерството за внатрешни работи работи на расветлување на овие случаи. Но, најтешките кривични дела за докажување се токму предизвикувањето пожари, затоа што со пожарот, горат и трагите. Постојат видео-снимки, а мислам дека денес ќе слушнете за лице фатено како подметнува пожар“, рече тој.
Тој предупреди дека ситуацијата е алармантна. „Ако сега има пет пожари, сигурен сум дека до вечер ќе бидат над дваесет. Без човечки фактор, тие не можат да бидат предизвикани“, додаде Ангелов.
Директорот на ДЗС потсети дека државата не е единствена што се соочува со пожари на отворен простор. „Доколку граѓаните не ни помогнат, не бидат повнимателни и ги пријавуваат сите сомнителни поведенија, оваа битка ќе продолжи и во август, а можеби и во септември. Следната недела очекуваме дожд што би можел да ја олесни состојбата“, изјави Ангелов.