Пожарот кај пехчевското село Будинарци и натаму е најсериозниот од неколкуте активни пожари во Македонија и во неговото гаснење учествуваат и екипите од Словенија и Австрија, како и хеликоптер на АРМ. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека непристапниот терен и променливото темпо на пожарот се факторите кои го отежнуваат гаснењето.

Пожарот не е до самото село Будинарци. Сите села се обезбедни, ниедно не е директно загрозено од пожарите, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Покрај овој, активни пожари има и во општините Сарај, Петровец и Старо Нагоричане, додека пожарот кај делчевските села Разловци и Нов Истевник е под контрола, иако сè уште не е целосно изгаснат.

Романскиот противпожарен авион дејствуваше во околината на Прилеп, каде што веќе неколку дена гори на три локации кај селото Топлица.

Од ЦУК информираа дека бугарските пожарникари кои дојдоа на помош заминаа од Македонија, додека Австријците и Словенците продолжуваат да ја даваат својата поддршка.