Стојанче Ангелов потврди дека за повеќето пожари постојат индиции и докази дека се намерно подметнати, а мотивите се различни

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС, Стојанче Ангелов, денеска изјави дека повеќето од пожарите во државата се намерно подметнати, а постојат и докази за тоа.

„Ја разбирам паниката меѓу граѓаните, но таа е наш непријател. Паниката може да доведе до носење погрешни одлуки. Апелирам до сите граѓани да ги следат упатствата од локалните и националните институции“, рече Ангелов.

Тој нагласи дека државата располага со сите потребни ресурси – и локални и национални, но тие мораат да се распоредуваат оптимално.

„Никогаш нема да имаме доволно ресурси, но затоа ги користиме најрационално, каде што е најпотребно. Наш најважен приоритет е заштитата на човечки животи. Потоа следи заштитата на имотот“, изјави Ангелов.

На денешната прес-конференција соопшти дека се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор. Од нив, девет се уште се активни, додека шест се ставени под контрола.

„Најтежок за гаснење и натаму останува пожарот кај Готен. Сериозни се и пожарите над селото Ќосевица во Македонска Каменица, каде е зафатена борова шума, и кај селото Ореше во општина Чашка, каде гори ниска вегетација и букова шума“, изјави директорот на ДЗС.

Ангелов информираше дека Словенија и Франција испратиле понуди за испраќање пожарникари и опрема.

„Предмалку примивме понуди за испраќање тимови од по 50 пожарникари и специјални возила за гаснење пожари. Понудите ги разгледуваме и ќе одлучиме дали и како ќе се постапува“, рече Ангелов.

Температурите и натаму се опасни за развој на пожари, иако се нешто пониски од претходните денови.

„Граѓаните мора да бидат внимателни. Секое сомнително однесување треба веднаш да се пријави“, апелираше Ангелов.

Вчера биле регистрирани најмалку 51 пожар на отворен простор. Според него, таа бројка е алармантна и загрижувачка.

„Некои пожари се последица на невнимание, но за повеќето веќе имаме индиции, па дури и конкретни докази дека се намерно подметнати пожари. Мотивите се различни – од економски, до криминални“, објасни Ангелов.

Посочи дека некои поединци се надеваат дека ќе можат да ја сечат изгорената шума. За други случаи, пак, постои сомневање за пироманско однесување.

„Има случаи каде постојат патолошки мотиви. Но таквите луѓе обично не подметнуваат оган покрај населени места, каде може лесно да бидат фатени или снимени“, кажа тој.

Додаде дека има пожари и во подрачја со нискоквалитетна шума, што отвора прашања за мотивите.

„Во тие случаи е тешко да се даде логично објаснување. Можеме само да претпоставуваме што стои зад тоа“, заврши Ангелов.