Пожарот што денеска избувна над селото Батинци, општина Студеничани, е ставен под целосна контрола благодарение на брзата интервенција на екипите на терен, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Ангелов објасни дека пожарот започнал околу 13 часот и веднаш се развил во големи размери.
„Поради ветерот кој дуваше, пожарот се ширеше со голема брзина. Скопската противпожарна бригада итно излезе на терен со неколку возила, а и помогнаа два пинцгауери на ДЗС, управувани од полицајци од ЕБР. Но, поради опасноста да биде зафатено и селото Батинци, бидејќи пожарот се движеше во насока на Батинци, по барање на директорот на ЦУК Муахмед Али испративме и еден хеликоптер на МВР, како и два ер трактори на Дирекцијата кои помогнаа во брзо воспоставување контрола над овој пожар. Имаме целосна контрола врз пожарот. Има горење уште во долот зад мене, но продолжуваат со дејство ер тракторите и хеликоптерот. Верувам дека набргу ќе биде ставен под апсолутна контрола, а набргу потоа и целосно изгаснат“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека постојат силни индиции дека огнот бил намерно подметнат, откако во многу кратко време се појавила поширока огнена линија.
„Се работи за намерно подметнат пожар, кој предизвика паника кај населението дека повторно е запалена депонијата ‘Дрисла’“, нагласи директорот на ДЗС.