Пожарот во Мршевци се прошири кон Бујковци и индустриската зона, а гасењето го отежнува силниот ветер
Попладнево избувна пожарот во Мршевци, кој делумно го зафати покривот на црквата во селото. Поради силниот ветер, пожарот брзо се прошири. И кон соседното село Бујковци и кон индустриската зона, информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Пожарот предизвика густ чад кој ја намали видливоста на автопатот Скопје-Куманово. Намалената видливост доведе до сообраќајна несреќа, поради што автопатот останува затворен во двата правци.
Силниот ветер го отежнува гасењето на пожарот бидејќи „ер-тракторите“ на ДЗС и хеликоптерите на Полицијата и Армијата не можат да полетаат. На терен се ангажирани скопската Пожарна единица и локалното население, а со помош на тешка механизација се создаваат препреки за спречување понатамошно ширење на пожарот.
Директорот Ангелов додаде дека веднаш штом ветерот ќе се намали, „ер-тракторите“ и воздушните единици ќе бидат активирани за поефикасно гасење.
Според Центарот за управување со кризи, досега има 11 активни пожари.