Состојбата со пожарите на отворен простор е исклучително алармантна. Само во текот на вчерашниот ден имаше 60 пожари, вели директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, апелирајќи до земјоделците да не ги палат стрништата, а сточарите пасиштата.
И покрај вчерашното интезивно гаснење шест пожари на отворено гореа во текот на целата ноќ и се уште се активни, од кои четири се поголеми и поопасни. До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар кој ги загрозува човечките животи, здравје и имот, нагласува Ангелов.
Тој информира дека во текот на викендот почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела имало вкупно 116 пожари на отворен простор.
Во текот на септември, како што додава Ангелов, се регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор од кои 43 се гаснети со воздухоплови.
Ангелов посочува дека сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се се уште високи, пожарникарите и пилотите, како што вели, се исцрпени и на крај на силите.
Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности. Пожари не се гаснат од воздух со ер трактори и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма, истакнува Ангелов.
ЦУК, како што додава тој, ја проценува неопходноста од употреба на воздухоплови и доколку се употребат ги координира.
Бројот на воздухоплови е ограничен, а бројот на пожари секој ден е огромен, вели директорот на ЦУК.