Директорот на ДЗС рече дека проблемот со Пинц Гауерите потекнува од ламелите и недоволна обученост на возачите

Проблемот со Пинц Гауерите повторно стана тема на јавна дискусија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов изјави дека дефектите се поврзани со неисправност на ламелите. Таа често настанува поради неискусност кај дел од возачите.

„Тие се теренски возила, наменети за движење низ планински и ридски предели. Кога се движат по асфалтирани патишта подолго време, се јавуваат проблеми со ламелите. Дополнително, некои возачи кои немаат доволно искуство со ваков тип возила, придонесуваат за појава на дефекти“, истакна Ангелов.

Тој појасни дека ваквиот проблем со Пинц Гауерите е воочен и минатата година, па ДЗС веќе обезбедува обука за сите возачи што управуваат со овие возила.

„Минатата година веќе обучивме дел од возачите. Сега повторно организираме обуки за оние што не ги минаа обуките и за новите што треба да ги користат Пинц Гауерите“, додаде Ангелов.

Тој нагласи дека станува збор за специјализирани возила со воена намена, кои бараат посебно внимание и подготовка при управување. Според него, „ова не се обични возила, и доколку не се користат соодветно, може да се појават технички проблеми кои ги прават нефункционални токму кога се најпотребни – при интервенции на непристапен терен“.