Лидерот на политичката партија Достоинство кој е поранешен бранител од 2001 година, Стојанче Ангелов на својот Фејсбук профил распали во пресрет на денешниот протест на ДУИ за УЧК.

Ангелов вели дека сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства треба да одговараат во согласност со меѓународното право.

Сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства треба да одговараат во согласност со меѓународното право. Вклучително и оние припадници на УЧК кои во 2001-ва година извршија воени злосторства во Македонија. Апсурд е да се бара ослободување на било кои злосторници, осомничени, обвинети или осудени за воени злосторства опфатени со меѓународното право, пишува Стојанче Ангелов.

Генералот Ангелов во својата објава ги објаснува и политичките мотиви зад протестот. Тој алармира дека целта на Али Ахмети и ДУИ е кревање меѓуетничка тензија за нивната партија ДУИ да се врати на власт.

Од друга страна, ваквиот протест, повеќе од сигурно, нема да го поколеба судот во Хаг. Тогаш, се поставува прашање, која е скриената агенда на денешниот протест? Уште повеќе, зошто токму во Скопје? Дали “случајно”, дали затоа што не им дозволиле на друго место или сепак се работи за добро осмислено и подготвено сценарио за напад врз власта? Напад врз владејачкото ВМРО ДПМНЕ и коалицијата? Напад врз премиерот Христијан Мицкоски кој се покажа како прилично тврд орев за меѓународната заедница? Перфиден напад кој едноставно го принудува и албанскиот коалиционен партнер во власта, денес да излезе на протест? Бидејки, ако не излезе, добиваме посилно ДУИ. А ако излезе, се создава погодно тло за послаба власт, односно, погодно тло за враќање на ДУИ во власта? Можноста пак, за разгорување на меѓуетничката нетрпеливост и нарушување на ионака кревката меѓуетничка доверба, на ДУИ им доаѓа како гратис, заклучува Ангелов.