Еден Хермелин со цистерна од 6 тони и еден Пинцгауер од 1,5 тони на Дирекцијата за заштита и спасување, вчера и денеска учествуваат во гаснењето на пожарот во скопско.
Директорот Стојанче Ангелов појаснува дека се оперира низ населени места со стрмни и тесни улици со остри кривини и смета дека на таков терен не е безбедна употребата на БТР 80.
-Две од овие возила подготвивме за транспорт во фабриката Самоков бидејќи со 6 тонски резервоар за вода и моќна пумпа со домет до 100 метри можат значително да помогнат во одбрана на фабриката доколку за тоа се појави потреба. Но, бидејќи пожарот беше ставен под контрола на потегот кон фабриката, одлучив истите да не се транспортираат таму, додава Ангелов.
Истакнува дека возилата се уредно тестирани од соодветни стручни лица и институции, поминаа технички преглед и се регистрирани на име на ДЗС.
-Сепак, како непосредно одговорен за овие специјални возила, дадов наредба да бидат тестирани и во реални услови. Затоа, учеството од овие и следните неколку денови ги сметам за тест возења, за тестирање на реалните можности на возилата, пумпите и посадите. Откако ќе се увериме дека специјалните возила се доволно ефикасни и безбедни за употреба, во зависност од потребите на терен, нивниот број постепено ќе се зголемува. Од дводневната употреба, слободно можам да кажам дека сум презадоволен од нивната ефикасност, нагласува првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување.