Целосниот молк од страна на секретарот на Градот за скандалозните информации за вршење на семејно насилство предизвикува уште поголеми сомнежи дека она што го говориме е вистина, рече на денешната прес-конференција Емилија Ангелова, советник во Советот на Град Скопје.
-Во политиката во XXI век нема место за лица кои учествуваат во или се дел од насилни дејствија. Очекуваме Глигоров да одговори дали како генерален секретар на Град Скопје, физички и вербално се пресметувал со лице вработено во институцијата. Дали и кои биле причините да се случи ваков инцидент? Воедно, доколку се случило вакво насилно однесување и конфликт со лице вработено во Градот Скопје, дали службите и надлежните институции се информирани за истото? Ги повикуваме и надлежните органи да се изјаснат дали во нивната евиденција има нотирано ваков случај. Зоран Глигоров е човек за кој се врзуваат насилни дејствија. Тој треба да и одговори на јавноста дали бил пријавуван за семејно насилство и тоа неколкукратно? Глигоров да одговори дали на 25.06.2007 година е пријавен за тешка телесна повреда врз женско лице со иницијали Л.Г нанесени преку повеќе удари и изненаден напад, и дали на 12.03.2017 година е пријавен за нанесување на телесна повреда при вршење на семејно насилство врз Љ.Г. преку повеќе удари и изенаден напад? Дали Глигоров е рецидивист во насилство и насилно однесување без разлика дали се работи за членови на семејството или за вработени на кои им е претпоставен. Доколку станува збор за карактерна особина на Глигоров, ги повикуваме институциите да поведат постапка за проверки. Дали генералниот секретар на Град Скопје има состојби кои не може да ги отклони, па тие резултираат со вакви постапки или се работи за нешто друго, треба да утврдат стручни институции. Во Град Скопје не се зборува за проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните, не се зборува за развој на инфраструктурата, не се зборува за справување со серозагадувањето, напротив секојдневно слушаме срамни, скандалозни и недолични постапки од функционери на високи позиции. Граѓаните сакаат да видат именувани лица кои се стремат да креираат програми за социјална заштита, програми за превенција од конфликт, центри за поддршка на лицата жртви од семејно насилство, истакна Ангелова.
Очекуваме во најбрз можен рок Глигоров да одговори на вакви изнесените сомнежи, но доколку се утврди било каква негова поврзаност со вакви дејанија очекуваме да поднесе оставка, а доколку не го стори тоа веднаш да биден разрешен од функцијата секретар на Град Скопје, додаде таа.