Образованието долго беше запоставено, но Владата сега инвестира во инфраструктура и услови за учениците и студентите

На 61. седница во Собранието, посветена на пратенички прашања, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова, се обрати по прашањето на состојбата во образованието.

Таа истакна дека години наназад образованието било запоставено, оставено без стратегија, визија и со ограничени вложувања. Сега се забележува промена преку реновирање на училишта, студентски домови и изградба на градинки. Воедно се овозможува набавка на електронски уреди за студенти, додаде Ангелова.

Пратеничката постави прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, за мерките преземени и оние што ќе следуваат за подобрување на условите во образованието.

„Образованието е темелот на секоја земја. Вложувањето во образованието и младите значи инвестиција за иднината,“ рече Ангелова.

Таа додаде дека во последниот месец се вложува во инфраструктурата за образованието.

„Се градат базени, се реновираат училишта, студентски домови и градинки. Овозможена е набавка на електронски уреди за студенти,“ нагласи Ангелова.

Во второто пратеничко прашање, Ангелова се осврна на негативниот демографски прираст во земјата. Таа потенцира дека иселувањето и намалувањето на младите семејства се голем проблем.

„Ова може да ја доведе државата под минимумот, од каде тешко ќе се врати демографската слика,“ рече Ангелова.

Таа праша кога и какви мерки може да се очекуваат за подобрување на демографската состојба.

„Најавени се обемни мерки на ова поле. Кога и какви мерки ќе бидат преземени?“, заврши Ангелова.