„Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок на патот кон Европската Унија. Потврда за реформите коишто ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања и стандарди во доменот на плаќањата. Народната банка и натаму посветено ќе работи на одржувањето на макроекономската стабилност. Како и на надминувањето на предизвиците во сите области на делување заради овозможување усогласеност со европските стандарди.“

Ова беше посочено на состанокот меѓу гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти.

На состанокот се зборуваше и за натамошните активности во доменот на пристапувањето кон СЕПА. Со што им се овозможува на нашите банки, и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, да пристапат до европските платежни системи. Сепак, за користење на придобивките од СЕПА треба да се надминат и сегашните предизвици.

Ангеловска-Бежоска: Членството во СЕПА е признание за нашата посветеност на финансиската интеграција во ЕУ

Гувернерката посочи дека централната банка заедно со банкарскиот сектор посветено работи на обезбедување целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година. Тоа е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан.

Во соработка со меѓународните партнери, централната банка ќе го поттикнува и ќе го олеснува овој премин. Обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција на банките.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја запозна директорката Суперти со последните макроекономски показатели. А, тие упатуваат на зајакната макроекономска стабилност, како и зајакната стабилност на банкарскиот систем.

Ангеловска-Бежоска и Суперти искажаа заемно задоволство од спроведувањето на проектните активности на Народната банка со поддршка од ЕУ . Тие се однесуваат за усогласување со највисоките европски стандарди и регулативи и изразија цврсти заложби за продлабочување на соработката.