Развојот на финтек-секторот ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата, што од своја страна ќе доведе до поголем и полесен пристап за граѓаните до нови видови финансиски услуги, но и до поевтини финасиски услуги. Народната банка презема повеќе активности за создавање околина во која ќе се развива финтек-секторот, меѓу кои и изработка на платформа за соработка со иновативната деловна заедница ‒ Порта на иновации, прва национална финтек-стратегија и соодветна регулативна рамка, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во изјава за МТВ, Ангеловска-Бежоска истакнува дека Централната банка презема повеќе активности.

-Пред неколку години ја отворивме Портата за иновации, платформа за комуникација помеѓу Народната банка, иновативната деловна заедница и други поврзани регулаторни органи. Целта е сите компании коишто имаат намера да воведат некои нови видови финансиски производи на домашниот пазар, да можат да пристапат на едноставен начин и да ги добијат сите потребни информации во делот на регулативата. Овој канал за комуникација не е корисен само за компаниите, туку и за нас, како централна банка, бидејќи ни овозможува да ги следиме најновите трендови во финаниската индустрија, да увудиме регулативни пречки за поттикнување на иновациите и да иницираме соодветни законски промени, нагласува гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочува дека кај компаниите има голем интерес за финтек-секторот. Според анкетата на Народната банка спроведена меѓу банките, финансиските институции и останатите регулаторни тела, околу 90 отсто од испитаниците се свесни за бројните придобивки од дигитализацијата во финансиите, додека околу 70 проценти од институциите веќе инвестираат во дигитализацијата и во промена на начинот на којшто функционираат финансиските услуги.

Како главни пречки за побрз развој на финтек-секторот, според испитаниците, се малиот пазар и регулативната рамка. Во делот на регулативната рамка се посочуваат три сегмента, тоа се регулативата во делот на заштитата на личните податоци, регулативата за спречување перење пари и регулативата којашто ги регулира платниот систем и платежните услуги.

-Во однос на регулативата за платниот систем, таа ќе биде опфатена со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто веќе е во завршна фаза и очекуваме дека наскоро ќе биде донесен. Веќе почнавме со работа на националната стратегија за финтек-секторот. Тој проект е поддржан од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), а работиме и заедно со останатите финансиски регулатори. Очекуваме дека во првата половина на годинава ќе биде донесена првата национална стратегија, којашто јасно ќе ги утврди подрачјата и ќе опфати мерки и активности за поддршка на финансиските иновации, што во крајна линија е од корист за сите граѓани, вели гувернерката на Народната банка.