Не очекуваме позначителни ефекти од исклучувањето на дел од руските банки од SWIFT системот, односно меѓународна платформа за брзо и ефикасно извршување на плаќањата. Сите руски банки не се исклучени од SWIFT, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Исто така, финансиските обврски и финансиските побарувања кон овие две земји се помалку од 1% од вкупните финансиски средства и обврски, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во гостување во вестите на ТВ24.

-Во неколку наврати јасно посочивме на малата трговска и финансиска интегрираност со двете економии. Трговската размена со овие две економии учествува со само два проценти во вкупната трговска размена, а кај финансиските текови поврзаноста е уште помала. Поаѓајќи од овој контекст, јасно е дека ние не би имале позначајни директни ефекти, вклучително и преку санкциите коишто тековно се изрекуваат“, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа наведува неколку причини зошто не се очекуваат посериозни ефекти од санкцијата со која се предвидува исклучување на дел од банките од SWIFT платформата.

-Странските директни инвестиции од овие две економии учествуваат со само 0,5% во вкупните, но не се присутни во сферата на банкарскиот систем. Во овие околности, ова е предност за нашиот банкарски систем, за разлика од други економии во нашето соседство, каде има присуство на руски банки и коишто се соочуваат со одредени потешкотии поради новонастанатата состојба. Исто така, она што е важно да се потенцира во делот на платниот промет, во основа не се исклучени сите руски банки, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Оттаму, би посочила дека не гледаме ризици за нашиот банкарски систем и погенерално за финансискиот систем, со оглед на минималните или непостоечки врски со финансиските системи на економиите на Русија и Украина, вели гувернерката.