Не треба да се откажуваме од придобивките од финтек-секторот, постојано да ја јакнеме заштитата против кибернападите.
Кибернападите се данокот за брзиот глобален технолошки развој, но поради овие закани, не треба да се занемарат придобивките што ги носи финтек-секторот, туку да се гради систем од страна на банките и нивниот регулатор, којшто соодветно ќе одговори на предизвиците, оценија учесниците на денешната работилница што Народната банка ја организираше со новинарите.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека анализите на глобално ниво покажуваат дека финасиските институции се поверојатна мета на кибер напади за 300 пати во однос на другите институции, но оти поради тоа не треба да има откажување од придобивките на финтек секторот.
– Во текот на последните две декади, финансискиот систем значително се измени со појавата на интернетот и користењето на новите информациски технологии. Новите технологии и дигитализацијата доведоа до забрзување на економскиот раст и напредок. Но, брзото проширување на мрежите и технологиите, отворањето на ИТ-системите кон надворешни платформи за комуникација, сѐ повисокиот износ на електронски трансакции доведоа до појава на нов тип на опасност, наречен киберризик. Поновите анализи на глобално ниво посочуваат дека финансиските институции се поверојатна мета на напади за 300 пати во однос на другите институции, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Посочи дека постојано се зајакнуваат регулаторните барања кои се однесуваат на јакнење на информациската безбедност што треба да ги исполнуваат банките.
– Ова уште повеќе ќе добие на тежина со усвојувањето на новиот Закон за платежни услуги којшто позначително би ги поттикнал дигиталните иновации во финансискиот сектор, а со тоа и потребата за заштита од киберризици. Исто така, постојано ги јакнеме и супервизорските капацитети на Народната банка во овој сегмент, заради што неодамна формиравме и посебна дирекција за ИТ-супервизија, нагласи гувернерката на Народната банка.