Комуникацијата на централните банки е важна не само поради транспарентноста и одговорноста, туку и за задржување на кредибилитетoт, од кој зависи успешното спроведување на монетарната политика. Колку подобро се разбрани одлуките и мерките, толку економските субјекти ќе се однесуваат на очекуваниот начин и полесно ќе се постигне целта на централните банки, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на предавањето што го одржа во рамки на Програмата за бизнис-лидери.
– Битно е јасно да се информира за монетарните одлуки, за причините за нив и за клучните ризици, за да може да се делува врз очекувањата и однесувањето на економските субјекти, а со тоа и врз ефективноста на монетарната политика. Кога се објавуваат одлуките за монетарната политика, се настојува што подобро да се објасни и зошто се донесени, бидејќи е важно да се разбере кои се клучните фактори од кои зависи сегашната и идната монетарна политика. Со подобро разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од страна на пошироката јавност, поефикасно се следат и се оценуваат активностите на монетарната политика, посочи Ангеловска-Бежоска.
Начинот на комуникацијата на централните банки забележа големи промени, особено во последните десетина години, по глобалната финансиска криза. Покрај поголема транспарентност и отвореност за комуникација, променет е и начинот на кој се изразуваат централните банки во своите обраќања. Во однос на овие промени, особено се издвојува примерот на Европската централна банка, која од почетокот на глобалната финансиска криза ја насочи својата комуникација кон идната поставеност на монетарната политика.
Од Народната банка информираат дека во изминатиот период се направени значајни напори во растот на квантитетот и квалитетот на комуникација со јавноста со што е зголемена транспаретноста и ефективноста на монетарните политики. Внимание се посветува и на финансиската едукација.
Во однос на прашањето за мандатите на централните банки, Ангеловска-Бежоска истакна дека во последната декада постои глобален тренд на проширување на мандатите со вклучување повеќе цели, особено финансиската стабилност, проширувањето на задачите пред се во сферата на финансиската писменост и заштитата на потрошувачи, како и проширувањето на инструментите на централните банки.