Ревизијата на економскиот раст на земјава од 4,2 на 3,2 отсто што ја објави ММФ е поради војната во Украина, вели гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими учествува на пролетните средби на ММФ и Светска банка.

– ММФ ги објави најновите проекции со кои се обидува да ги процени економските ефекти од војната во Украина. Во тој контекст, се прави надолна ревизија, и таа се очекува кај сите земји, вклучително и за Македонија. Глобалниот економски раст по солидната стапка на раст од 6,1 отсто лани, оваа и наредната се предвидува на 3,6 отсто, што е значајно успорување. Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан, изјави Ангеловска-Бежоска за Гласот на Америка.

Таа посочува дека во тек се и макроекономски проекции, кои ги изготвува Централната банка.

– Ние со последниот сет на макроекономски проекции, што датираат од октомври минатата година, очекувавме раст од 3,9 отсто за оваа година, но со оглед на новонастанатиот шок и ризиците поврзани со тоа, тековно работиме на нови проекции, и постои голема веројатност дека ќе има надолна ревизија, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа уверува дека банкарскиот сектор е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците.

– Банкарскиот сектор има доволен капацитет, и да ја задржи својата стабилност и да му помогне на економскиот сектор за полесно да се справи со последиците од овој шок. Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти. Важно е во вакви ситуации кога глобалната и домашната економија се соочуваат со ваков шок, банкарскиот сектор за остане здраво ткиво во економијата, посочува гувернерката.

Според неа, не треба да постои никаква загриженост и во однос на стабилноста на девизниот курс.

– Централната банка веќе повеќе од две децении успешно ја одржува стабилноста на курсот на денарот, во однос на еврото, вклучително и во многу кризни епизоди, со кои што сме се соочувале, што е јасна потврда за капацитетот и адекватниот инструментариум, кој што го има Централната банка, истакнува Ангеловска-Бежоска.