Поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев најави дека ќе ја обжали одлуката на Соединетите Американски Држави кои му забранија влез во земјата нему и неговото семејство, со образложение за вмешаност во корупција.
Анѓушев тврди дека во текот на неговиот мандат во Владата работел со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата, и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја.
„Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи. Јас вработувам 1000 луѓе во Македонија, и во периодот на мојот мандат моите фирми бележеа само пад и загуби, што е регистрирано и во државните финансиски служби“, вели Анѓушев.
Додава дека има фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и е американски даночен обврзник, како и партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД. Додека служел како вицепремиер во македонската Влада, вели дека силно се залагал и работел за зачленување на земјата во НАТО, го поддржувал зачленување во ЕУ, и ги поддржува и сега сите активности кои се преземаат во тој правец.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департментот и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, додаде Анѓушев во реакцијата.