Собранието доби најниска оцена во последните четири години. Во поглед на неговите функции, неговата отвореност кон јавноста, работата на пратениците и собраниските реформи. На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, за 2022 година граѓаните ја оцениле работата на Собранието со средна оценка 2,1, пренесува Телма.
Ова го покажа теренската анкета и анкетното испитување на девет фокус-групи спроведена од 22 февруари до 9 март 2023 година на репрезентативен примерок од 1.002 испитаници на целата територија на државата, спроведено од Институтот за демократија во рамки на Програмата за парламентарна поддршка.
Анкетата покажала дека граѓаните се свесни за дека Собранието има значајна улога во политичкиот живот на државата, но дури 60 проценти од нив не знаат што сработиле пратениците минатата година. Освен што не знаат што направиле, перцепцијата на граѓаните е дека собранието е контролирано од извршната власт повеќе отколку што тоа ја контролира Владата. Дека Владата има целосна контрола врз Собранието сметаат 27 отсто од испитаниците, додека само четири проценти сметаат дека Собранието има целосна контрола врз Владата. Секој трет граѓанин, пак, смета дека Владата го контролира Собранието, но оти нема целосна контрола врз него.
Речиси половина од граѓаните, дури 48 проценти, сметаат дека собранието придонесува за зголемување на нивото на корупција во земјата.
Во контекст на функциите на Собранието, повеќе од половина од испитаниците (54 отсто) сметаат дека законите се менуваат често или премногу често, а на квалитетот на законите дури 58 проценти од граѓаните сметаат дека влијание имаат пратениците. Притоа треба да се напомене дека анкетата покажала оти 65 отсто од испитаниците се целосно или делумно незадоволни токму од квалитетот на законите.
Најголем дел од испитаниците сметаат и дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите. Истражувањето покажало и дека пратениците не им се баш познати на граѓаните, со оглед дека на 46 отсто пратениците од нивната изборна единица, град или регион им биле непознати.
На прашањето кого претставуваат пратениците во Собранието, дури 53 отсто од граѓаните одговориле дека пратениците не ги претставуваат интересите на граѓаните. Дополнително, половината сметаат дека излагањата на пратениците се малку или воопшто не се аргументирани, имаат впечаток дека пратениците често или секогаш на седниците користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат пратениците од другите партии. Најголем дека од граѓаните, односот помеѓу пратениците го опишале како непријателски и натпреварувачки.
Високи 70 отсто од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните.
Анкетата покажала и дека дури 59 проценти од испитаниците сметаат дека воведување на една изборна единица ќе придонесе до подобра претставеност на граѓаните во Собранието, а повеќе од половината сметаат дека воведувањето отворени листи на изборите би придонело за поквалитетен пратенички состав во Собранието.