Речиси 90 проценти од сите банки и штедилници во земјава сметаат дека климатските промени се важен извор на ризик за финансиската стабилност, покажува најновата Анкета за ризиците од климатските промени, којашто Народната банка ја спроведе на почетокот на годинава.

Анкетата покажа дека 80 проценти од испитаниците размислуваат да воведат вакви производи. Досега, само 40 проценти имаат воведено нови производи и услуги како реакција на климатските промени.

– Анкетата покажува дека иако најголемиот дел од испитаниците ја препознаваат важноста на климатските ризици за финансискиот систем, сепак е мал бројот на банките и штедилниците коишто ги имаат земено предвид климатските промени во своите развојни планови. Исто така, помалку од половината испитаници имаат воведено нови производи или услуги како реакција на климатските промени. Главно, станува збор за кредитни линии од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија за проекти од енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и заштита при работа и кредити за енергетска ефикасност преку програмата ГЕФФ на ЕБОР наменети за домаќинствата, велат од Народна банка.

Сепак, според Народна банка, охрабрува фактот што поголемиот број од банките и штедилниците планираат и размислуваат за воведување нови или за промена на тековните производи и услуги како реакција на климатските промени.

– Главно се посочува на производи од типот на кредити за финансирање енергетски ефикасни проекти и зелени кредити наменети за домаќинствата и корпоративниот сектор, како и зелено проектно финансирање. Голем број од испитаниците посочуваат дека планираат воведување на новите производи во 2022 година, информира Народна банка.

Оттаму посочуваат дека зелените кредити одобрени во приватниот сектор во 2021 година забележале раст за 2,7 проценти во споредба со претходната година.

Активностите коишто ги преземаат централните банки за ублажување на несаканите економски последици од климатските промени, вклучително и на ефектите врз финансиските системи, добиваат сѐ поголемо значење. Народната банка се приклучи кон овој тренд кон крајот на 2020 година, преку измена на Стратегискиот план во кој за првпат се поставија активностите поврзани со климатските промени.

На почетокот на минатата година, Народната банка стана член на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (The Network of Central Banks and Supervisors for Greening the Financial System ‒ NGFS), во која членуваат 114 централни банки и супервизорски институции и 18 набљудувачи од светот. Како членка на Мрежата, таа ги следи иницијативите и активностите што ги преземаат централните банки во однос на следењето и управувањето со ризиците од климатските промени