Од друга страна, како еден од двата „бистри настани“ за истиот месец е издвоен и отворениот предмет од страна на Обвинителството за надзорот над изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“
Изборот на консултант и надзор над изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ е оценет за еден од „матните настани“ за март, покажала анкетата за корупција на „Транспаренси Интернашнал-Македонија“ во рамки на проектот „Бистро-Матно“.
Од „Транспаренси“ наведуваат дека неколку од партнерските комании во победничкиот конзорциум за надзор над изградбата на коридорите, предводен од италијансаката „ИРД инженеринг“, имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа.
„Меѓународниот конзорциум ‘ИРД инженеринг’ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум ‘Бехтел и Енка’. Понудата на ‘ИРД инженеринг’ е во износ од 1 374 304 070 денари (22,35 милиони евра). Неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа“, истакнуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Од друга страна, како еден од двата „бистри настани“ за март е и отворениот предмет од страна на Обвинителството за надзорот над изградбата на автопатиштата на „Бехтел и Енка“.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот над изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, Посочуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Меѓу останатите „матни настани“ за минатиот месец кои ги наведува „Транспаренси“ се и констатираниот судир на интереси на Агенцијата за филм при распределба на средствата за ланскиот конкурс и застарување на судски предмети. Четвртиот „матен настан“ е поврзан со тројцата ексдиректори од случајот „Маѓар телеком“ осудени во отсуство на по осум години затвор.