Повеќе од половина анкетирани, односно 55 отсто се песимисти за грчката економија во следните месеци, додека пак 49 проценти изразуваат песимизам и за нивната лична економска состојба во следниот период, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Пулс“ (Pulse) за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Оптимизам за справувањето со економската ситуација изразуваат 36 отсто (од кои само 12 проценти се сигурно оптимисти, а останатите 24 отсто веројатно оптимисти), наспроти 55 проценти кои изразуваат песимизам.
За владините мерки за поддршка на граѓаните за справување со покачувањата на цените на струјата, 51 отсто смета дека се во правилна насока (40 проценти веројатно, 11 отсто сигурно), а 41 процент одговара дека се во погрешна насока.
Поделено е мислењето на граѓаните во однос на санкциите на ЕУ за Русија, со 44 отсто од анкетираните да одговара дека се во погрешна и 43 проценти во правилна насока.
На прашањето кога е најдобро да се одржат парламентарни избори, 46 проценти одговориле во 2023 година, односно на крајот од мандатот на Владата, а 41 отсто рекле во текот на оваа година.
На политичката сцена, владејачката Нова демократија е во предност од 8,5 отсто пред опозициската СИРИЗА, додека пак актуелниот премиер и понатаму е најсоодветен за премиерската позиција, според одговорите на граѓаните.
Анкетираните сметаат дека Мицотакис може подобро да се справи и со прашањата поврзани со економијата и со прашањата поврзани со надворешната политика и одбраната, споредбено со лидерите на СИРИЗА и ПАСОК- Движење на промена.
Истражувањето на агенцијата „Пулс“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 9 до 11 мај 2022 година со анкетирани 1.206 лица со право на глас.