Повеќе од половина од луѓето во Шкотска не сакаат нов референдум за независност следната година, покажуваат резултатите од нова анкета, јави ДПА.
Премиерката Никола Старџен неделава најави референдум за независност на Шкоткса на 19 октомври 2023 година. Бидејќи британската влада одбива да даде согласност за такво гласање, Старџен бара од судиите на британскиот Врховен суд да одлучат дали Холируд (шкотскиот Парламент) може да организира референдум без поддршка на Вестминстер.
Меѓутоа, на прашањето дали референдумот треба да се одржи следниот октомври, 53 отсто од луѓето одговориле дека не треба, 40 отсто рекле дека треба, а останатите се неопределени, покажа анкетата спроведена по нарачка на весникот Скотсмен (The Scotsman).
Ако судиите на Врховниот суд решат дека гласањето не може да се одржи, Старџен веќе изјави дека следните британски парламентарни избори ќе бидат „де факто референдум“ за местото на Шкотска во Велика Британија.
Анкетата на Скотсмен, спроведена од Саванта КомРес, покажа дека 44 отсто од испитаниците ја поддржуваат независноста, додека 46 проценти се против, додека 10 отсто се неопределени, што е за три процентни поени повеќе во однос на минатомесечното итражување.
Доколку се отстранат неопределените од анкетата, 49 отсто одговориле дека ќе гласаат „за“ независност, додека 51 процент рекле дека ќе гласаат против.
Саванта КомРес онлајн интервјуираше 1.029 возрасни Шкотланѓани на возраст од 16 или повеќе години помеѓу 23 и 28 јуни.