Меѓу земјите од Западен Балкан, најзадоволни од правецот во кој се движи нивната земја се граѓаните на Србија, покажа истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведено оваа година во пет земји од Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
Според истражувањето, 57 отсто од жителите на Србија веруваат дека земјата се движи во вистинска насока, додека 53 проценти од испитаниците тоа го мислеле пред две години.
Според ИРИ, дури 85 отсто од граѓаните на Босна и Херцеговина оцениле дека земјата се движи им оди во лоша насока, во Северна Македонија ова мислење го делат 75 проценти од испитаниците, а во Црна Гора 45 отсто од граѓаните.
Истражувањето покажа дека 45 отсто од младите во Србија својата иднина и перспектива ја гледаат во земјата, а 47 проценти од нив оцениле дека немаат перспектива.
На прашањето што најмногу и треба на Србија, 58 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е стабилност и континуитет, додека 38 проценти оцениле дека на земјата и се потребни промени.
На прашањето колку се (не)задоволни од начинот на кој се развива демократијата во земјата, 18 отсто се многу задоволни, 43 проценти се делумно задоволни и 14 отсто се многу незадоволни.
На прашањето на кој политичар најмногу му веруваат, 38 отсто од српските граѓани одговориле дека тоа е Александар Вучиќ, а меѓу првите пет политичари се Ивица Дачиќ, потоа Ана Брнабиќ, Драган Ѓилас и Мариника Тепиќ, додека 40 отсто од испитаниците одговориле дека немаат доверба во ниту еден од нив.
Дури 58 отсто од граѓаните сметаат дека Русија е најнаклонета странска земја на Србија, за 48 проценти тоа е Кина, а потоа следат Северна Македонија и БиХ со 19 отсто.
И ова истражување, како и сите претходни, го покажува она што е веќе познато – целосно незнаење со кого и колку Србија економски најмногу соработува, бидејќи на прашањето кои се најголемите донатори на Србија, дури 30 отсто сметаат дека тоа е Кина, потоа Русија (24 отсто), потоа ЕУ (21), Германија (три) и САД (два проценти).
Дури за 60 отсто од српските граѓани САД се најголема политичка закана за Србија. На второ место е Германија, потоа Турција, Кина и Русија.
На прашањето за надворешната политика и каков курс треба да заземе Србија, повеќето од нив одговориле дека тоа е и Запад и Русија (38 отсто), проруски но да остане поврзана со Западот и ЕУ (26 проценти), прозападна со врски со Русија (13), исклучиво проруски (10) и исклучиво проевропски (шест отсто).