Државната комисија за спречување на корупцијата, јавно ги демантира изнесените наводи на министерот за надворешни работи Бујар Османи на 20 јануари дека возила на МНР не се користеле во партиски цели. ДКСК на 18 јануари објави дека министерот Османи и министерот животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.

Државната комисија за спречување на корупцијата се повикува на издадениот конечен извештај од извршената ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во МНР од 1 август до 31 октомври 2021 година (во изборен процес), со број 58-13627/22-1 од 29 април 2022 година, доставен до ДКСК на 3 мај 2022 година.

„Во извршното резиме до министерот, наведени се состојби кои укажуваат дека: нема определено надлежно лице за водење евиденција на возилата и опремата и нивно сервисирање, регистрирање и осигурување; дека не се води евиденција кое лице управува со кое службено возило, ниту се прават патни налози со внесување податоци за поминати километри; одредени корисници на службени возила немаат обезбедено и доставени уредни и веродостојни сметководствени документи до сектор за финансиски прашања; не е воспоставен систем за контрола на користењето и потрошувачката на гориво на службените возила.

Ова е во спротивност на тврдењето на министерот дека нема таков извештај од „некој“ внатрешен ревизор и дека ДКСК погрешно ги интерпретира наводите. Имајќи ги во предвид наводите од извештајот, Државната комисија ја донесе предметната Одлука број 12-.436/1 23 јануари 2023“, се вели во демантот на ДКСК.

Според ДКСК и извештајот од внатрешната ревизија на МНР, во изборниот период МНР имало 15 свои возила и две позајмени од Агенцијата за разузнавање, но за нив не се водела никаква евиденција и не може ниту да се докаже колку гориво потрошиле. Османи ова го негираше.

„Во нашиот случај, во МНР, нема таков извештај како што беше коментирано во јавноста, во којшто некој внатрешен ревизор констатира, напротив, внатрешниот ревизор вели дека во споредба со минатото има ред. Нема таков извештај, веројатно е погрешна интерпретација“, изјави Османи.

Од ДКСК велат дека побарале од вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска да покрене иницијатива за одговорност за Османи.